Љубомир Савевски во викенд-интервјуто за 24Ракомет и самиот призна дека проектот РК Алкалоид, во кој е вклучен и Кирил Лазаров, е оној кој првенствено го вратил на ракометот, а деновиве е веќе познато дека тој ќе биде и тренер на екипата.
„Кога ме наговараа да почнам со работа, идејата во прв план беше РК Алкалоид и соработката со Кирил Лазаров на овој проект. Потоа разговорите прераснаа во тоа да формираме фамилија, луѓе со слични идеи кои ќе работат заедно за доброто и на машкиот и на женскиот ракомет. Да работиме заедно и сите структури да придонесат за општ напредок на ракометот, пред сè на репрезентативен план, а не од лични интереси. РК Алкалоид сметам дека е иднината на машкиот ракомет. Бев изненаден од квалитетот кој го имаме кога отидов на тренинг на младата репрезентација каде 30-тина играчи тренираа. Целта на Алкалоид не е да биде шампион на Европа, туку тоа е проект за помош на македонскиот ракомет, кој ќе им помогне на младите ракометари да стигнат до ниво по кое ќе може да ’одлетаат’. Замислено е клубот да биде средина во која ќе се создадат квалитетни македонски играчи кои потоа ќе може да играат во големи европски клубови. Или, пак, да останат дома, во клубови како што се Вардар, Еурофарм Пелистер… Колку имаме поквалитетни играчи кои играат во врвни клубови, толку подобра ќе биде репрезентацијата. Тоа е она што ме привлече во проектот“, објаснува Савевски, а со тоа и меѓу редови го потврдува ангажманот: „Со Лазаров имаме многу заеднички идеи за начинот на кој треба да се спроведат работите. Имавме и неколку разговори за младинските конкуренции. Мојата работа ќе биде да се постави основа и да се стави во функција овој проект.“
Подолу погледнете го целосното интервју…
ИНТЕРВЈУ ЉУБОМИР САВЕВСКИ: Успехот на кадетките е само „иницијална каписла“, тешкото допрва следи