Екипата на Радовиш пред своите навивачи ја оствари првата победа во плеј-аут фазата откако беше подобра од Скопје 2020, со резултат 24:21. Воедно, со остварената победа на Радовиш во плеј-аутот, нема повеќе екипи без барем една победа во борбата за опстанок.
Гостите од Скопје имаа подобро отворање на натпреварот и на двапати беа во водство од 1:0 и 2:1. Радовиш со серија од 3:0, која беше дело на Ристов и Трајчевски, во 10. минута зголеми на плус два гола разлика, 4:2. Ракометарите на Андријана Будимир не дозволија домаќинот да се одлепи на поголема разлика, искористија дел од неговите грешки и со два гола во низа израмнија на 4:4. Во следниот период се играше во егал, во кој и двете екипи имаа свои моменти. Домаќините со подобрата игра во завршниот дел стигнаа до плус три на полувреме, 13:10.
Каковски и Ѓорѓиев на самиот старт на второто полувреме со своите погодоци му го донесоа највисокото водство на својот тим од шест гола разлика, 16:10. Скопје првиот гол во вториот дел го постина по пет минути игра за минус пет, 16:11. Како што одминуваше времето, така гостите од Скопје сѐ повеќе притискаа во желбата за камбек.
Радовиш во последните десет минути влезе со предност од 21:17. Скопје за две минути успеа да анулира дел од резултатската негатива и на речиси шест минути пред финишот намали на 21:19. Сепак, ракометарите на Љупчо Мијалов успеаја да го одржат водството, кое што беше доволно за првата победа во плеј-аут фазата.
Најефикасен во победничката екипа беше Кристијан Ристов со седум погодоци, а тројца ракометари, Спасе Ѓорѓиев, Ангелче Органџиев и Бобан Каковски постигнаа по четири гола во мрежата на гостите. Кај Скопје 2020 се истакна Александар Василевски со пет погодоци.
|
РАДОВИШСКОПЈЕ 2020
11 април 2022
24 - 21
Крај
|