Македонија не ја оствари целта и со една победа и два порази го завршува настапот на ЕП 2020 без пласман во главната фаза. Според голманот Борко Ристовски има многу причини за ваквиот резултат, но, како што посочи, недоволната храброст во решавачките моенти е една од клучните причини.
„Сите ние треба добро да размислиме и да бидеме пореални во нашите очекувања. Видовте каде ни е местото, видовте дека со овој квалитет толку можеме. Дека ни недостасува уште многу, многу, работа на сите нас, и сите оние кадетски, пионерски и младински школи за да стигнеме до комплетна смена на генерации. Ова е една добра лекција за сите нас. Ние цело време дававме и даваме поддршка на младите, меѓутоа секој треба да биде свесен каде ни е местото и дека сме далеку, далеку од онаа генерација како што бевме. Ни недостасува храброст едноставно. Многу е просто, не се работи само за квалитет, тоа не игра секогаш улога. Меѓутоа на вакви натпревари, не е исто да се игра против Украина и да се игра против Чешка и против Австрија. Така да, сите ние треба да сме свесни каде сме и и колку ни се можностите во овој момент. Реалноста ни е таа. Половината од нашите играчи беа бледи. Не се работи ни за техника ни за тактика ниту за знаење, едноставно се работи за храброст. Играме за себе и за својата чест. Мислам дека малку сите се изгубивме во таа еуфорија после Украина. А мора да знаеме дека Украина е далеку од тој врвен ракомет.Тоа е тоа.
Искусниот голман на македонската репрезентација посочи на уште еден проблем и потсети дека оваа елиминација, носи тешка иднина за македонската репрезентација.
„Ја заборавивме основната цел за која играме во репрезентација Тоа е дека играме за својата држава, за својот народ и за своето презиме што го носиме на грбот, за нашите семејства. После ова сигурно ќе добиеме многу тежок противник во баражот за СП и многу ќе биде тешко да се вратиме пак. И не чекаат многу посилни противници во баражот“ – потенцираше Ристовски.
Во однос на нарушените односи, критиките од јавноста и неговиот одговор на тие напади, Ристовски посочи дека неговата реакција била делумно и за да ги заштити помладите играчи и да го преземе притисокот на себе.
„Јас онаа изјава што ја напишав на Фејсбук, беше едноставно, за да го оттргнам притисокот од сите млади играчи. Вистинската причина беше цела таа негативна енергија да биде на мене за да може на еден помирен начин да играат младите, да не се оптоваруваат. Јас можам да ги издржам сите тие напади и критики, но за помладите играчи е малку поинаку и тоа го направив со цел, за да биде притисокот на нив минимален“ – појасни Борко Ристовски.
Неуспехот на ова ЕП за 37-годишниот голман на македонската репрезентација не значи крај и откажување…
„Се додека ме вика селекторот и се додека јас имам сила, за македонската репрезентација секогаш ќе бидам тука, на располагање“ – рече Борко Ристовски.