Едно од новите засилувања на Вардар е голманот Борко Ристовски. Тој е повратник во тимот од португалската Бенфика и ќе се обиде да му помогне на тимот во битките во регионалната СЕХА лига и во Лигата на шампионите.
„Се договоривме за пократок договор до крајот на сезоната за финансиски послаба понуда, но сепак доаѓам да му помогнам на Вардар. Имав и други понуди, од екипи кои играат во ЛШ, Рајн Некар беше една од нив, но се решив за Вардар. Ова е европски првак, група со квалитетни играчи, големи луѓе и големи борци и затоа сакам да помогнам во оваа тешка ситуација. Уште ќе има тешки и важни натпревари во ЛШ и во СЕХА, како и во домашното првенство“, вели Ристовски.
Голманот демантираше дека враќањето во Скопје е поврзано со негов политички ангажман.
„Враќањето нема врска со политиката бидјеќи јас не сум политичар. Единствената причина поради која влегов во политиката е да му помогнам на спортот. Јас сум по природа револуционер, патриот, си ја сакам својата држава, сакам да помогнам“, заврши Ристовски.
Покрај голманот, во Вардар доаѓа и средниот бек Марко Мишевски, кој исто така е повратник во тимот од францускиот Гренобл.