Ристовска ја водеше ЦСКА Москва до бод кај Одензе

Во првиот натпревар од продолжението во Лигата на шампионите, ЦСКА Москва ремизираше против Одензе, 27:27. Резултатот е најреален епилог на неизвесното дерби од Групата Б бидејќи во текот на сите 60 минути се играше во егал.

Иако, избраничките на Флорентин Пера имаа плус два, 27:25, на четири минути пред крајот, ракометарките на Одензе со двата погодоци на Луис Абинг стигнаа до важен бод.

На овој натпревар, репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска одигра во стандардна форма, постигна четири погодоци од шест обиди и беше втор стрелец во екипата од Москва.

Актуелниот шампион во Лигата на шампионите, Вајперс Кристијансанд, немаше никакви проблеми на гостувањето во Шведска кај Савехоф, триумфираше со високи 42:23. Резултатот на полувреме беше плус шест позитива за Вајперс Кристијансанд, 21:15. Со новите бодови, екипата од Норвешка го презеде второто место во Групата Б, но третопласираниот Мец има натпревар помалку.

Екипата на Борусија Дортмунд славеше на незгодното гостување во Копривница кај Подравка со резултат 32:24 во натпревар од Групата А. Ракометарките на гостинската екипа во текот на целиот натпревар имаа контрола на резултатот и во ниту еден дел од средбата немаше ни најмала неизвесност.

Најефикасна во победничката екипа беше Мерел Фрерикс со шест погодоци, додека кај Подравка прв стрелец беше Дејана Милосављевиќ со седум погодоци од 11 обиди. Голманката на Подравка, Јулија Думанска запиша 13 интервенции, а ист број на интервенции имаше и Јара тен Холте од Борусија Дортмунд.