Екипата на ЦСКА Москва, во која настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска, во полуфиналето од Купот на Русија славеше против најголемиот ривал Ростов Дон со четири гола разлика, 34:30.
Московската екипа со победата над Ростов Дон ќе има шанса да го одбрани освоениот Куп трофеј од минатата година.
Избраничките на Олга Акопјан во секој сегмент од играта беа подобри од Ростов Дон, заминаа на пауза со резултатска предност од 17:11 и до крајот имаа контрола на теренот.
Ристовска во полуфиналето имаше минутажа од речиси 40 минути, постигна еден гол од два обиди и одигра на висина на задачата во одбраната.
Ривал на ЦСКА Москва во финалето ќе биде Лада Тољати, која во второто полуфинале обезбеди победа над поранешниот европски првак Звенигород, триумфираше со 39:32 (19:16).