Ристовска речиси без грешка, ЦСКА блиску до финале

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, заедно со екипата на ЦСКА Москва славеа на првиот полуфинален натпревар во рускиот шампионат против Лада Тољати.

Иако некогашниот европски гигант играше на домашен терен, сепак, екипата од Москва успеа да обезбеди победа од 35:31 (16:18) и на реванш дуелот, кој ќе го одигра на свој терен, ќе има залиха од четири гола.

Ристовска беше една од најефикасните во победничката екипа и во голот на домашниот тим постигна шест погодоци од седум обиди.

Десното крило Олга Черноиваненко, која исто така го носеше дресот на поранешниот македонски шампион Вардар, имаше одлична партија, но нејзините седум погодоци не беа доволни за поволен резултат на домашната екипа.

Реванш дуелот меѓу ЦСКА Москва и Лада Тољати ќе се одигра на 20 мај, со почеток од 15:45 часот.

Изненадување во второто полуфинале направи Ѕвезда Звенигород со победата над Ростов Дон од 33:27 (18:10) и поранешниот европски првак исто како и ЦСКА Москва е многу блиску до финале.