Македонската репрезентативка Сара Ристовска ја минува третата сезона како ракометарка на рускиот тим ЦСКА Москва.
Ристовска е меѓу најдобрите стрелци на руската „команда“, а во интервју за „Брз Центар“ открива како се случил трансферот во Русија, каде што ретко играат странски ракометарки.
„Во март 2019 година јас добив понуда од ЦСКА Москва која тогаш се формираше. Во Љубљана почнаа пролбемите со финансии. Зборував со многу луѓе и почувствував дека треба да се преселам во Москва. Не беше толку до парите, колку до желбата за промена, за повеќе адреналин. Русија за мене беше чудна земја. Знаев за историјата, за времето. Сакав да се уверам сама во тоа, и сега се чувствувам како дома. На стартот не го знаев јазикот, но за неколку месеци почнав да зборувам. Девојките од екипата ме примија одлично. Понекогаш кога се враќам во Скопје, по некое време почнува да ми недостига Москва“, вели Ристовска.
ЦСКА Москва по девет одиграни кола е на четвртото место на табелата во групата Б од Лигата на шампионите, но се уште има шанси за првите две места за да обезбеди директно место во четвртфиналето од елитното натпреварување.