Тимот на ЦСКА Москва уште еднаш покажа дека нема вистинска конкуренција во шампионатот на Русија.
ЦСКА и македонската репрезентативка Сара Ристовска славеа на најтешкото гостување во плеј-офот против Ростов Дон со 31-26 и се на чекор до освојувањето на титулата.
Ристовска одигра 45 минути на овој натпревар и беше трет стрелец меѓу девојките на Олга Акопјан со пет гола од седум обиди. Во тимот на екс тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров, некогашната вардарка Полина Кузнецова даде три гола.
ЦСКА Москва сега има 30 победи на 30 меча и ако продолжи вака сигурно ќе руши уште многу рекорди. Се наоѓа на првото место со 60 бода, а Ростов остана втор со 45 бода.
Следен предизвик за Сара Ристовска ќе бидат натпреварите со репрезентацијата на Македонија против Турција во рамките на ЕХФ неделата.