Ристовска и ЦСКА Москва се загреаја за битката со Ѓер

Екипата на ЦСКА Москва, во која настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, немаше големи проблеми да дојде до нова победа во шампионатот на Русија и на свој терен беше убедлива против Звезда Звенигород со 40:30.

На овој натпревар листата на стрелци кај ЦСКА Москва беше предводена од Ана Грос и Антонина Скоробогатченко, кои постигнаа по седум погодоци. Сара Ристовска против Звезда Звенигород постигна три погодоци.

Со новите освоени бодови, ЦСКА Москва се задржа на првата позиција на табелата во рамките од Групата А. Московската екипа има 26 бодови, а второпласираниот тим, Ростов Дон по 15 одиграни кола има два бода помалку, 24.

Следен предизвик за ЦСКА Москва е натпреварот против Ѓер во рамките од Лигата на Шампионите. Рускиот шампион на 6 февруари ќе ја пречека унгарската екипа и ќе се обиде да направи изненадување.