Подмладената репрезентација на Македонија денес ќе има силен предизвик во рамки од ЕХФ Евро Купот, силите ќе ги одмери против актуелниот светски и европски шампион, Норвешка.
За новата генерација на Македонија натпреварот против Норвешка ќе биде вистинска можност за докажување пред домашната публика во СЦ „Борис Трајковски“.
Лидерот во репрезентацијата на Македонија, Сара Ристовска, очекува тежок натпревар против големата ракометна велесила, која во Скопје пристигна без звездите во тимот, но исто така се надева на позитивен резултат од средбата со норвежанките.
„Ние се спремавме во овие денови колку што можевме, тие сѐ во подмладен состав, исто како и ние, ги анализиравме, гледавме како играат и со денешниот тренинг ги завршивме овие подготовки за натпреварот. Се надевам на позитивен исход и се надевам дека ќе имаме поддршка од трибините, па зошто да не направиме и изненадување, без разлика во каков состав ќе настапат“.
Репрезентацијата на Македонија веќе има проверено со каков квалитет располагаат дел од ракометарките на Норвешка, па така најголемиот акцент ќе биде ставен на бековската линија.
„Познавајќи го скандинавскиот ракомет, тие имаат опасност од сите страни, нивното движење со топка, и општо, тие се многу опасни од сите страни, имаме неколку информации за оние играчи кои се пристигнати, па така поголем акцент ќе ставиме на неколку бекови и се надевам дека ќе ги спречиме во нивниот налет“.
Ристовска веќе втора сезона игра во ЦСКА Москва. Пред извесен период заедно со екипата од Москва го освоија Купот на Русија и сѐ на добар пат да ја освојат и титулата во Супер лигата.
Репрезентативката на Македонија беше искрена во својот одговор и истакна дека главниот конкурент за титулата, Ростов Дон, претрпе најмногу загуби поради состојбата во рускиот спорт.
„После целата ситуацијата во Русија и заминувањето на голем број на интернационалки од Ростов Дон и од ЦСКА Москва, можам слободно да кажам дека Ростон Дон е многу ослабен, моментално сме најдобри во Русија, тоа и го покажуваме на терен, го освоивме Купот без поголем проблем. Атмосферата во клубот е на високо ниво и навистина ми е многу драго што сум дел од една ваква екипа“.
Натпреварот меѓу Македонија и Норвешка ќе се одигра денес во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 19:30 часот. Влезот за сите љубители е слободен. Реваншот е во Бекестуа на 24 април од 16:00 часот.