Ракометарите на Струга во недела ќе гостуваат во Кавадарци кај амбициозниот Тиквеш во рамки од третото коло од Супер лигата.
Струга во претходното коло пред својата публика го надигра Куманово и ги освои првите бодови во новата натпреварувачка сезона.
Еден од најзаслужните за победата над Куманово беше голманот, Дејан Рикановиќ, кој и во минатата сезона имаше забележителни партии.
Босанскиот интернационалец смета дека Тиквеш на овој дуел ќе ја има улогата на фаворит, но се надева дека со неговиот тим ќе ги освојат посакуваните бодови.
,,Тиквеш е една одлична екипа, има одлични ракометари на сите позиции и на овој дуел дефинитивно тие ја имаат улогата на фаворит. Опасни се од секоја позиција и играат тимски. Заедно со тренерот ги анализиравме слабите страни на Тиквеш и ќе се обидеме да ги искористиме”, изјави Рикановиќ.
Чуварот на мрежата на Струга истакна дека победата против Куманово била многу важна за подигнување на формата после поразот од Охрид.
,,Тимот беше во мал пад, а многу важна ни беше победата против Куманово. Сега треба да видиме до каде сме и секако дека формата мора да се подобри, на тренинзите може да се забележат позитивни промени. Верувам дека против Тиквеш ќе го дадеме максимум и ќе излеземе како вистинска екипа”, додаде Рикановиќ.
Според Рикановиќ, тимот на Струга има квалитет за да обезбеди учество во плеј-оф фазата.
,,Се уште е рано да се зборува за пласман во плеј-оф фазата, одиме чекор по чекор на секој натпревар, целта е да го извлечеме максимумот на секој дуел, но јас верувам во овие момци и мислам дека резултатите ќе дојдат и ќе ја постигнеме нашата цел, а тоа е да играме во плеј-офот”, заврши Рикановиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Струга ќе се одигра во недела (24 септември) во спортската сала „Јасмин“ со почеток од 18:00 часот.