Екипата на Феникс на гостувањето во Илинден кај Кузман Вардар забележа убедлива победа, со резултат 22:46, во натпревар од последното коло од плеј-аут фазата во Женската лига.
Гостинската екипа од Битола уште од самиот старт ја презеде контролата на терен, поведе со 1:3 во воведниот дел и во останатиот тек од натпреварот имаше лесна задача бидејќи домашната екипа на Кузман Вардар повторно настапи без голман, а на голот со маркер беа ракометарки од поле.
Кузман Вардар се обиде колку што може да парира и да биде во резултатска игра, но екипата на Феникс не дозволи да има никакво изненадување. Победникот веќе беше познат уште по првото полувреме, кое заврши со убедлива предност за Феникс од 12 гола разлика, 11:23.
Во второто полувреме, кое повеќе беше формалност, немаше никаква неизвесност. Репрезентативката на Македонија, Емилијана Ризоска, продолжи со својата доминација на теренот, а нејзината екипа од минута во минута ја зголемуваше резултатската предност за конечни 24 гола разлика.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на Феникс, Емилијана Ризоска со 23 погодоци. Во таборот на Кузман Вардар се истакнаа Анастасија Ѓорѓиева со осум и Мартина Стефановска со пет погодоци.