Ривалот на Металург се засили со ракометар од Веспрем

Полскиот вицепрвак Висла Плоцк пред стартот на натпреварите во Лигата на Европа се засили со десен бек.

По повредите на двата десни бека, Давид Фернандез и Предраг Вејин, Чави Сабате мораше да бара друга алтернатива, а изборот падна на Зоран Илиќ.

Станува збор за десен бек од Веспрем, кој потекннува од Србија, но има унгарски пасош и настапува за младинските селекции на оваа земја.

18-годишниот Илиќ лани играше на неколку меча за унгарскиот гигант во СЕХА лигата, а Давид Дејвис му даваше шанса и во унгарскиот шампионат. На 22 меча даде 97 голови.

Висла Плоцк е противник на Металург во групата А од Лигата на Европа и ќе гостува во Скопје на 27 октомври во второто коло.