Денес освен пријателскиот натпревар меѓу Македонија и Б селекцијата на Норвешка, се одиграа уште неколку пријателски натпревари. Еден од Ривалите на Македонија на ЕП во ноември, репрезентацијата на Холандија беше убедлива против Данска со осум гола разлика, 30:22, во дуел од Златната лига.
Ракометарките на Холандија победата ја обезбедија уште по првото полувреме, кое што заврши со предност од 18:9. Холандија со победата над Данска покажа дека е во добра форма и дека на ЕП во ноември ќе атакува на висок пласман.
Како што е веќе познато, репрезентацијата на Холандија на континенталниот собир ќе настапи без Тес Вестер и Луис Абинг, кои се бремени, додека во дуелот со Данска не настапија неколку стандардни репрезентативки.
Во Златната лига се одигра уште еден натпревар, а победа оствари Норвешка, која без проблеми триумфираше против Швајцарија со 39:22 (23:10). На 1 октомври Норвешка ќе игра со Холандија, додека Швајцарија оди на мегдан со Данска.
Селекцијата на Србија направи изненадување на првиот ден од меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“ во Бистрица. Избраничките на Урош Брегар успеаја да ја совладаат Шпанија со два гола разлика, 30:28 (16:17).
Репрезентацијата на Романија која исто така е ривал на македонската репрезентација на ЕП, одигра нерешено против Австрија, 22:22. Романките на полувреме имаа предност од еден гол разлика, 16:15, но Австрија со добрата игра во вторите 30 минути се избори за реми.
Пријателски натпревар одиграа и Шведска и Бразил, како и Словенија и Унгарија. Дуелот меѓу Шведска и Бразил заврши со победа за ракометарките од Шведска, со резултат 31:25 (13:12), додека Словенија и Унгарија одиграа без победник, 22:22.