Репрезентацијата на Данска во пресрет на последното коло од групната фаза на Европското првенство обезбеди пласман во полуфиналето и може мирно да ги очекува дуелите за медали.
Во последниот дуел Данска ќе го игра дербито со Франција кое за нив ништо не значи, а за Французите е клучен натпревар на кој им е потребна победа за освојување на второто место во групата.
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен пред овој меч со Французите најави дека ќе ги одмори најдобрите поединци пред натпреварите за борба за медали. Оваа информација сигурно нема да им се допадне на Исланѓаните.
„Нашата главна цел е да бидеме свежи за во петок и полуфиналето, тоа ни е најважно. Затоа сигурно е дека ќе поштедам некои играчи против Франција. Морам да видам на кој му е потребен одмор па ќе одлучам“, рече Јакобсен.
Исланд во последното коло ќе игра против Црна Гора и им е потребен триумф, но и пораз на Франција од Данска. Натпреварот помеѓу Данска и Франција се игра во среда со почеток од 20:30 часот, додека Исланд и Црна Гора играат од 15:30 часот.