„РЕТРОРАКОМЕТ“ со Андријана Будимир: Титулата со Кометал не може да се спореди со ништо!

Ракометарка за одлучувачки моменти, миленичката на сите верни поддржувачи на ракометниот клуб Кометал Ѓорче Петров, српската репрезентативка која го одбра Скопје за свој втор дом, Андријана Будимир за 24Ракомет говори за својата професионална кариера и правецот по кој ја насочил животот. Покрај импресивните две титули во Лигата на шампионките со два различни клуба, Будимир зад себе има 99 настапи за југословенската репрезентација, бројни титули во сите земји каде играла, почнувајќи со Србија, Македонија преку Хрватска и Данска до Шпанија. Покрај богатото меѓународно искуство најдрагите спомени ја врзуваат за Скопје, каде по завршување на кариерата секојдневно го пренесува своето знаење на новите генерации македонски ракометари.

Зашто ракомет?

Почнав да тренирам ракомет на осум години во Осијек поради тоа што сите другарки кои беа постари од мене започнаа да тренираат ракомет, а по нивните стапки се решив и јас на истиот чекор. Веднаш се пронајдов во овој спорт бидејќи ми одговараше по карактер и по сè останато. Тренирав и атлетика, фрлав копје и бев првак на Југославија во помлади катергории. Пробав кошарка и одбојка, но не ми беа интересени и затоа ракометот беше полн погодок за мене.

Раскажете ни малку за вашите ракометни почетоци?

Се започна во Осијек, но се случи војната и заминав во Србија, потоа следуваше период од две годишна пауза за конечно да продолжам во РК Бор. Таму тренирав четири години и успеав на 12 години да стигнам до првиот тим. Сеуште го паметам првиот натпревар во тогашнато силно југословенско првенство кога играв 5 минути и заработив скршеница на носот, а притоа не сакав да го напуштам теренот. Бев доста млада па плачев да ме вратат во помалите катергории за повторно после 6 месеци да се вратам во првиот тим. Со неполни 16 години преминувам во Белград  во Црвена Звезда и таму играм 3 години. Пред мојот трансфер во Кометал настапував за Напредак Крушевац.

Како дојде до трансферот во Кометал?

Моето доаѓање во Скопје беше резултат на доста интересна ситуција. Јас во Крушевац настапував како прилично млад играч и притоа играв со легенди како Лилјана Кнежевиќ. Една недела пред пријателскиот натпревар со Кометал игравме во Свилајнац каде на крај на натпреварот се повреди Слаѓана Дрониќ. Постигнав многу погодоци против Кометал околу 10-12. На реванш средбата повторно иста ситуација и така дојде до трансферот. Во спортот е многу битна среќата, да ги искористиш тие 1-2 минути и сите коцки да се поклопат за да успееш понатаму. Секако ова беше најдобриот потег кој ми се случи на мене бидејќи токму Кометал има најголемо значење во мојата кариера.

10873970_10204302580037847_858626939_o

Какви ви беа првите импресии од Македонија?

Ќе звучи малку чудно бидејќи најпрво ништо не разбирав со оглед на фактот дека вие сѐ разбирате на српски, но среќа тука беа Индира, Мими Чупиќ и сите останати па ми беше полесно. Бидејќи бев најмлада ми беше битно тоа што сите супер ме прифатија, иако најголемиот дел од играчите беа од Русија, јас тука се чуствував како дома. Всушност сметам дека сите балкански држави се слични по менталитет.

Амбиција која сте ја поставиле и се остварила?

На 15 години почнав да играм за кадетска репрезентација па играв за јуниорската и со 18 години дебитрав токму во Македонија и тоа против Русија во Охрид на турнир и дадов 9 гола за што бев многу среќна. Ете целата спортска кариера и сè ми се врти околу Македонија.

Од друга страна пак како и на секој спортист Олимпијадата ми беше најголема желба и за само еден натпревар ја испуштив шансата да настапувам на најголемото планетарно случување. На Светското првенство во Хрватска игравме против Австрија во полн состав која пак беше ослабена и далеку беа послаби од нас, но ете кога некои работи не одат, едноставно не одат. Сепак имав така среќа да настапувам на сите останати натпреварување и можам да кажам дека само  Олимпијадата ми остана како неостварена желба.

10886539_10204302488835567_1369758313_o

Кој тренер најмногу придонел за вашиот развој?

Кога настапував во РК Бор имав многу добар тренер кој многу ме чуваше и внимаше доста на мојот развој со тоа што ме штедеше од теретани за да не го стопира мојот раст и во еден момент кога веќе имав 15 години и бев лидер на екипата ми кажа дека е време  да си одам бидејќи тој веќе нема ништо повеќе што може да ме научи. Сметам дека треба да бидеш голем човек и тренер за тоа да го направиш.

Дали имавте некој ритуал пред натпревари и како се справувате со тремата?

Да, секој спортист има по нешто. Јас секогаш облекував прво лева па десна патика и во случај доколку некогаш се случеше да заборавам  да ги облечам колениците, ја соблекував прво десната патика и повторно исто принцип облекување на лева па десна патика.

Што се однесува пак до тремата после годината кога освоивме титула во Лигата на Шампионите веќе немав трема и добив страшна сигурност во себе. Некогаш ми неостасуваше бидејќи таа понекогаш е и позитивна.

Кој би беше најголем ривал на теренот? Од кого најмногу стравувате и со кого најдобро соработувавте?

Немаше ниедна екипа од која конкретно сум стравувала, но едноставано не сакав да играм против руски екипи кои негуваа стил на ракомет кој беше сличен на нашиот стил притоа сите играчи им беа корпулентни. Исто така не сакав да играм со Кореа. Не можете да замислите колку многу тие трчаа и колку многу зборуваа на терен.

Со Индира соработував најдобро како и со Поповиќ бидејќи со неа играв од мали нозе и кога настапувавме за репрезентација со неа повеќе не требаше воопшто да  зборуваме. Ако јас тргнев лево таа знаеше што да прави, а се тоа беше резултат на долги години поминати заедно на терен.

10884126_10204302488355555_1139529266_o

Кажете ни некоја анегдота од времето кога настапувате во Кометал?

Имаше доста смешни ситуации… Еднаш кога бевме во Германија на еден турнир тоа беше само после 1 месец од моето пристигнување во Македонија. Излеговме на прошетка и договорот беше да се чекаме кај пицерија која се наоѓа “карши најк”. Така во автобусот седевме јас, Мими Чупиќ и тогаш Олга Колесник ме праша каде треба да се чекаме, а јас и одговорив тука кај пицеријата. На тоа таа повторно ме праша како се вика пицеријата? Мојот одговор беше “карши најк” на што Мими се изнасмеа и почна да ми објаснува дека не се вика така пицеријата туку местото каде што треба да се чекаме е од спротивната страна на продавницата на брендот „најк“. Сите почнавме да се смееме, а јас навистина мислев дека така се вика местото, бидејќи доста германски ми звучеше.

Најдраг ракометен спомен?

Секако тоа е погодокот во полуфиналето последниот гол против Ларвик. Ден денес кога ќе отидам кај мајка ми која има зачувано видеа од овие напревари навистина немам поим каде помина топката бидејќи немаше место меѓу играчите. Никој не шутна бидејќи топката цело време кружеше и често велам дека Господ ја шутна за таму да оди. Секако и да не беше погодок, судиите ќе досудеа удар од 7 метри, кој повторно ќе требаше јас да го шутирам, а сето тоа ќе одеше на нерви на целиот македонски народ, затоа добро е што го постигнав тој погодок и тука сè се заврши.

Исто така со репрезентација на Србија во Сплит игравме против домашната селекција на Хрватска, иако во текот на целиот натпревар навиваа против нас беше убаво да играш кога има таква публика и секако победата која следуваше во таква атмосфера беше уште подрага.

Како дојде до вашиот трансфер во Подравка?

Не можев да се договорам со Кометал за финансискиот дел бидејќи беше смешна сума во прашање, а тие не отстапуваа, затоа потпишав во Подравка за неколкукратно поголем хонорар. Мислам дека Кометал требаше по секоја цена да ме задржи бидејќи имав 22 години и многу ми е криво што тоа не се случи, но ниедна страна не сакаше да попушти и на крајот заминав во Подравка.

10876658_10204302487635537_1340388312_o

Раскажете ни повеќе за трансферот во Шлагелсе и времето поминато таму?

Ања Андерсен ми се јави кога бев со Подравка на турнир во Луксебруг. Беше месец септември и таа ми се јави на телефон за да ме праша колку пари барам да дојдам во нејзиниот тим. Не ни размислував да си отидам, а камоли да мислам за следната година. Таа дојде после 3 дена заедно со својот банкар и седнавме, сè се вклопи и така сè испадна. Таа правеше силна екипа многу порано и тоа ѝ беше многу паметно. Работите брзо се одвиваа и испадна дека јас за месец дена се преселив во Данска. Тоа ми беше најголема грешка во кариерата. Тешко се повредив и ми пукна раката пред финалето со Кометал. Јас играв со скршена рака иако Кометал тоа не го знаеше.

Данска во суштина не одговара на нашиот менталитет. Денот трае до 12 навечер. Во Шлагелсе имавме по 3 тренинзи неделно и една теретна, што е смешно. Од друга страна пак ние бевме толку јаки што не моравме да тренираме, а тоа се одрази на повреди. Сите кои бевме од балканските земји се повредивме. На прв тренинг мене ми го искршија носот, па го свиткав зголобот и сама себе често се прашував зашто дојдов тука. Екипа беше одлична и огромна чест беше да играш со ракометарки како Ашура Фридрикаш, Легангер и други. Игравме во Брондби, салата која е огромна, а нас нè гледаа во просек 2.5 милиони Данци. Никаде немаше такви услови за тренинг.

Во Данска секој натпревар беше како во Лига на шампиони, за секој натпревар треба да се подготвуваш посебно. Ања Андерсен е добар психолог и добро не подготвуваше за натпреварите, но со таква екипа и со Легангер на голот немаше потреба од многу подготовки. Условите беа феноменални имавме на располагање спортска опрема до најситни детали, со себе носевме свој паркет и мајстори кои три дена пред натпреварите го монтираа.

Женскиот ракомет беше далеку по популарен од машкиот во тоа време, но сепак немаше таква атмосфера која само Комити  и навивачите на Будуќност знаат да ја направат. Тие се вистински навивачи кои те носат и те држат во натпреварот.

Иако со Шлагелсе ја освоив ЛШ не бев среќна бидејќи беше против Кометал и тоа во Кале, но не беше исто чувството. Во иста сала освоив две титули, но со различни екипи. Таа титула со Кометал со ништо не може да се спореди.

Како дојде до трансферот во Шпанија?

Иако се уште бев под договор со Шлагелсе, неможев повеќе да издржам и сакав да си заминам. Скандинавците се малку поразлични, тие сметаат дека ако некој играч не е задоволен и не е среќен треба да го пуштат да си оди. Се решив за Шпанија само за да видам сонце и едноставно да поуживам. Кога пристигнав таму тоа беше вистинска убавина, плажа, море, сонце, мандарини. Имав стан со тераса од 100 метри квадаратни. Секое утро со црево си ја заливав терасата и уживав во глетката на морето. Да не се вратев тука сигурно ќе останев таму да живеам. Цело време имаше некои “фиести”, луѓето  многу се лежерни и уживаат во животот иако најмногу тренирав таму, екипата беше најслична на тоа некое дружење во Кометал  и таму имаше исто имаше екстра играчи, но ракометот е доста чуден.

10884352_10204302488795566_1014726623_o

Што прави сега Андријана Будимир?

Веќе четврта година тренирам деца, имам преку 100 дечиња, истотака од септември започнав да ги тренирам младинци на Работнички, имаме само два порази во досегашниот тек на првенството. Вардар навистина направи убав проект, создадоа реална шанса за децата, за влез во прв тим, на пример ако не влезат во првиот тим на 14 години, тогаш на 15 години повторно ќе имаат шанса, бидејќи децата во тој период растат и се развиваат. Секоја чест за челните луѓе на Вардар кои вложуваат и се обидуваат да создадат подлога за во иднина. Мислам дека сум прва жена која води една машка екипа, сакам да бидам тренер, сега за сега добро ми оди со деца, но не значи дека ако си бил добар играч ќе бидеш врвен тренер.