Во текот на вчерашниот ден во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен се одигра ревијален натпревар под мотото „РК Преспа за Зоки, Були и Котле“ во чест на ракометните легенди од Ресен – Илче Котевски, Булент Ибрахим и Зоран Стојановски, кои ја загубија најважната животна битка изминатите години.
Ревијалниот натпревар во чест на тројцата ракометари, кои оставија трага во ресенскиот ракомет, беше одигран помеѓу екипа составена од ракометари кои настапуваат во Супер лигата, односно играчи кои го носеле дресот на клубот од Ресен и екипа составена од ракометари кои заедно настапувале со Котевски, Ибрахим и Стојановски.
На ревијалниот натпревар настапија Владо Недановски, Владо Тасевски, Благојче Шекревски, Александар Крстевски, Ален Ќосевски, Златко Везенковски, Стевче Тунтевски, Никола Стојчевски, Мартин Карапалевски, Дејан Трајановски, Димитар Ѓоргиевски, Ласко Андоновски, Симе Јовановски, Миле Бочкаровски, Аце Станковски и други сегашни и поранешни ракометари и тренери на клубот од Ресен.
За време на паузата од ревијалниот натпревар се одржа церемонија, во која се повлече дресот со број 12 во чест на Илче Котевски.
Од Преспа се надеваат дека овој ревијален натпревар ќе прерасне во една ракометна традиција и дека ќе се одржува во секоја наредна година.