Репрезентативецот на Холандија, десниот бек Кај Смитс во текот на следното лето ќе ги напушти редовите на германскиот шампион Магдебург и ќе има нов клуб во својата кариера.
Од неговиот актуелен клуб, Магдебург, преку клупската страна објавија дека ракометарот од Холандија ќе ја напушти екипата на крајот од натпреварувачката сезона, 2022/23. Двете страни не се договорија да ја продолжат соработката, па така холандскиот репрезентативец стана мета на голем број клубови.
Според германските медиуми, Смитс се наоѓа пред трансфер во Фленсбург, но од поранешниот европски шампион не сакаа да ги коментираат шпекулациите од тамошните медиуми. Смитс освен за Магдебург настапуваше и за екипите на Холстебро од Данска, како и за матичниот клуб од Холандија, Лимбург.
Дресот на холандската репрезентација го носи од 2016 година и заедно со неговите репрезентативни колеги на ЕП во Унгарија и Словачка го остварија најдобриот пласман освојувајќи ја 10. позиција.