Повремениот репрезентативец на Полска, Мациј Мајжински одлучи на само 26 години да ја заврши својата ракометна кариера.
Причината за неговото повлекување од ракометот е поради здравствени проблеми. Десниот бек нема играно од месец јануари, 2021 година, кога со неговата репрезентација настапи на СП во Египет.
За време на Мундијалот во Египет заработи повреда на коленото, која го оддалечи од ракометните терени. Мајжински во последните месеци беше подложен на уште една операција. Рехабилитацијата не ги донесе посакуваните резултати, па мораше да донесе тешка одлука.
„Донесов одлука да ја завршам кариерата. Долго се надевав дека ќе успеам да се вратам во игра, но сега можам да кажам дека тоа нема да се случи”, изјави Мајжински за полскиот медиум „ТВП Спорт“.
Некогаш надежниот ракометар на Полска во својата кариера настапуваше за Гданск и двата бундеслигаши Хамбург и Бергишер.
Во сениорската репрезентација на Полска дебитираше во 2015 година, но поради чести здравствени проблеми успеа да одигра само 16 натпревари во националниот дрес на неговата татковина.