Репрезентацијата на Црна Гора, која денес ќе пристигне во Скопје и ќе им се приклучи на Франција, Холандија и Романија во главната фаза на ЕП, имаше успешен настап пред своите навивачи, откако групната фаза ја заврши со максимален учинок, односно три победи против Шпанија, Германија и Полска.
Црна Гора на две до три години прави промена на генерацијата, заминуваат поискусните, доаѓаат помладите, но една од легендите на црногорскиот ракомет, десното крило Јованка Радичевиќ беше дел од сите големи успеси на црногорската селекција, почнувајќи од среброто на Олимписките игри во Лондон (2012), златото на Европското првенство во Србија, како и пласманот меѓу четирите најдобри репрезентации на Светското првенство во 2014.
Во вчерашниот натпревар на Црна Гора против Полска, последниот ,,танц” пред црногорските навивачи го одигра токму Радичевиќ. По завршувањето на дуелот против веќе елиминираната Полска, популарната ,,Јока” имаше емотивно збогување со навивачите во спортскиот центар „Морача”.
Како што е веќе познато, црногорската репрезентативка по завршувањето на ЕП ќе стави крај на својата репрезентативна кариера и ќе се посвети на настапите на клупско ниво. Радичевиќ моментално е членка на словенечкиот шампион Крим Меркатор. За Црна Гора, Радичевиќ досега одигра 185 натпревари, даде 1060 погодоци. Македонската публика ја памети по одличните настапи во дресот на Вардар.
𝑳𝒂𝒔𝒕 𝒅𝒂𝒏𝒄𝒆 𝒂𝒕 𝒉𝒐𝒎𝒆 for @jokarad4 ❤️🇲🇪
187 appearances 👉 1.068 goals. LEGEND!We don’t cry, you cry 🥲#ehfeuro2022 | #playwithheart | @rukometnisavez pic.twitter.com/UUG5Td9PTW
— EHF EURO (@EHFEURO) November 9, 2022