Во дуел на две европски репрезентации, Швајцарија беше поуспешна од Австрија во првиот дуел од групата Е на Светското првенство во Египет со 28-25. Швајцарија како и Македонија својата шанса ја доби како резервист на овој Мундијал, откако САД поради коронавирус го откажа својот настап.
Австрија на овој турнир настапува без двајцата најдобри стрелци во тимот, затоа и имаше проблеми да ја пробие одбраната на Швајцарија од надворешните позиции. Но расположени беа крилата и десниот бек кој со индивидуални продори во полето од шест метри успеваше да ја одржува минималната предност за својата селекција во воведните минути.
Австрија отвори со три голови, но тоа не беше гаранција за мирно да продолжи во овој дуел. Швајцарците водени од ракометниот виртуоз Андре Шмид успеаја да задржат резултатски приклучок, а во средината на првиот дел со три голови во низа да го преземат водството. Ниту една од екипите не успеа да создаде посериозна предност, а резултатската нишалка на крајот на првиот дел ги израмни двете селекции на 13-13.
Вториот дел Швајцарија го започна пофокусирано, затоа и во 36 минута имаа предност од три погодока, разлика која ја одржуваа во текот на целото полувреме. Швајцарија во средина на вториот дел имаше и највисока разлика од четири голови, која се задржа до самиот крај. Во бркотницата во последните две минути Сидоровиќ со третиот гол стави крај на надежите на Австрија и ја одведе Швајцарија на „плус 4“, а Хутичек стави точка на дуелот за конечни 25-28.
Швајцарија извојува значајни два бода во трка по вториот круг на Мундијалот, против директниот конкурент Австрија. Патот за втора фаза на Австрија сега води само преку фаворитите Франција и Норвешка.