Ракометната федерација на Македонија и Натпреварувачката комисија при РФМ ќе треба да најдат решение за рашомонијадата во првенството во женска конкуренција откако е познато дека ракометарка играла во три различни конкуренции истовремено, што е спротивно на Пропозициите.
Не се знае на колку натпревари се случило ова, но тоа ја доведува во прашање регуларноста на првенството.
Екипата на Стружанка на својата ФБ страница на клубот вчера објави дека тимот на ЖРК Пелистер во своите редови на натпреварите имале ракометарка што играла во три различни категории.
Согласно Попозициите за сезоната 2022/2023 една ракометарка во тековната полусезона има право да настапува само во две категории.
– сениорска + една младинска категорија или
– во две младински категори
Редакцијата на 24ракомет дојде до оригиналните записници од натпреварите на кои играла Јана Лазаревска со лиценца број 1257.
Таа на 25 март играла за кадетките на Пелистер, на 26 март играла меч од плејофот во сениорска конкуренција а на 8 април играла за пионерките на Пелистер.
Сега натпреварувачката комисија на РФМ треба да го разреши случајот, и да да каже дали е „администратвна“ грешка (ист број на лиценца), или пак клубот намерно го заобиколиле правилото. Во системот на РФМ при лицeнцирање секој ракометар си добива свој број на лиценца и со тој настапува во сезоната.
Или се ќе заврши „спогодбено“…