Реакција на Зоран Кастратовиќ на колумната „Седмерец“

Колумната “СЕДМЕРЕЦ” на вашиот ценет специјализиран ракометен портал, и точката 3, ме има инспирирано да од мој агол, јавно, ги искоментирам наводите на Вашата колумнистка г-ѓа Билјана Благоеска Петрушева. Иакo сметам дeкa од моето заминување од клупата на РК Металург не би требало да се создава фама, сепак морам да го истакнам моето несогласување од ставовите на новинарот кои се изнесени во истата.

Точка 3

Горд сум што повеќе од една година, од клупата, предводев македонски и европски ракометен бренд каков што е ракометниот клуб Металург. Со голема поддршката на претседателката на клубот, Зорица Блажевска, направени се значителни чекори за враќање на европскиот шмек на клубот. Летово беше креиран тимот кој што треба да биде конкурентен на македонската и европска ракометна сцена. Тим кој што, по мојата скромна проценка, треба да расне од ден во ден и во Лигата на Европа да избори групна фаза и исто така да биде рамноправен во борба за домашните трофеи.

3.1. СПОГОДБЕНО – ЕДНОСТРАН

На седумнаесетти октомври, во електронска форма, имам побарано од клубот еднострано раскинување на договорот. На оваа точка – точка.

3.2. ПОЛА – ЦЕЛО

За секоја работа, дури и за мојата, очекувано е да се добие соодветна сатисфакција, материјална или поинаква сосема е сеедно. Клубот во своето официјално обраќање го нема демантирано долгот било да се работи за цели плати или половинки. Овие другите, во деминутив, се прифатени после одлука на клубот да ни се намалат примања за изминатата ракометна сезона за 50 % поради состојбата со Ковид-19. Без размислување ја имам прифатено и поддржано таквата одлука на раководството на клубот.

Уште две работи. Прво: никогаш, подвлекувам никогаш, немам побарано или вршено притисокот за исплата на заработеното. Второ: заедно со своите колеги од стручниот штаб се согласив дека приоритет за исплата на плати имаат играчите.

3.3. SВЕЗДИ И SВЕЗДИЧКИ

Ово е делот на кој што сакам да обврнам посебно внимание. Мојата тренерска улога во клубот беше, во специфични услови, да ја изменаџирам работата за време на тренажниот процес и натпреварите. Во тој дел посебен печат дадоа летните засилувања со исклучително професионалниот однос кон обврските. За мене тие беа локомотива која што ги влечеше и другите, добивме одличен однос кон работата.

А работевме многу. Почит за сите! Од најмалиот до највозрасниот.

Како тенер се обидувам да имам чесен однос кон секој играч. Сите ги третирам како ѕвезди со рамноправен третман за време на тренинзите и тренинг натпревари. Дали некој ќе биде ѕвезда или ѕвездичка, тоа треба да го покаже на терен и тоа кога е најпотребно, на натпревари на кои што се бара резултат.

Одговор на тоа дали имам направено добар избор на играчи, применето соодветни тактички решенија и колкаво е времето кое што некој играч го има поминато во игра, е во резултатите кои се евидентни оваа сезона. Покрај поискусните, прилика за деби во сениорскиот состав, во домашното првенство, имаа и играчи на кадетска и пионерска возраст, како залог за иднината на клубот.

Кога работите со 22 играчи сигурно е едно, секогаш ќе има некој кој што е незадоволен со евентуалниот статус или минутажа во игра. Гледано од страна на играч испаѓа дека е помалку битно дали тој имал прекршоци на клупската дисциплина, се успал за на тренинг или авион, има заборавено дел од опремата за настап во ЛЕ, дали сакал да се докаже на својот тренер или на тренерот на противникот итн.

Тренер сум кој што во такви ситуации зборува со сила на аргументите.

“Виновен” сум за едно, барав дисциплина. Пред, за времетраење на тренинзите, а исто така барав и тактичка дисциплина за време на натпреварите.

Сметам дека тренерот не треба да биде Дедо Мраз, да исполнува желби на одделни играчи и нивните лични амбиции на штета на резултатите на тимот и амбициите на клубот пред сè.

Кога ги видов репрезентативните списоци од минатата ЕХФ недела, уште повеќе сум убеден дека никој не треба да биде незадоволен.

Сепак за сработеното, бев одговорен на оној што ме има ангажирано, а тоа е клубот!

3.4. ТОРТИ И КОЛАЧИ

На роденденска прослава на почеток на октомври, што вклучуваше и торта, ми беше упатен голем комплимент од страна на претседателката на клубот, па да го цитирам: „Лино беше тренер на Металург седум години, а ти ќе бидеш десет“. Поголем комплимент за дотогаш сработеното во клубот, моите уши немат слушнато. Секако дека многу ми годеше.

Во друга прилика, кога веќе решив да си заминам, со кафе и колачи бев замолен да останам на клупа барем до Нова Година. Поради коректноста, се понудив да останам до крајот на октомври, ако клубот смета дека има потреба од такво нешто, и да дадам едномесечна можност да се ангажира мојот наследник до следната евролигашка средба.

Ако имало било каков проблем или нетрпеливоста на релација тренер – играчи – тренер, сигурен сум дека би било поинаку.

Зоран Кастратовиќ