Екипата на Рајн Некар, која пред неколку дена го освои Куп трофејот во Германија, продолжува да се засилува за следната натпреварувачка сезона 2023/24.
Ново име во тимот од Манхјам е ракометарот од Шведска, Густав Давидсон. Швеѓанецот, кој има 23 години и настапува на позицијата среден бек, но може да одигра и како лев, во бундеслигашот ќе остане најмалку до 2025 година.
Давидсон во тимот на Рајн Некар ќе пристигне од шведскиот суперлигаш Хамарби. Станува збор за играч со потенцијал за развој, кој може да се користи во два правци, така што ,,лавовите” имаат уште едно квалитетно засилување во своите редови.
23-годишниот ракометар на 8 март, 2023, дебитираше за сениорската репрезентација на Шведска. Најголемиот успех го постигнува во 2019 година кога со Савехоф ќе ја освои титулата во националниот шампионат.
Токму од Савехоф ќе го направи својот трансфер во неговиот актуелен клуб Хамарби, а во истата година ќе дебитира и за младинската репрезентација на својата татковина.