Поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалез, кој му ја донесе првата европска титула на македонскиот шампион, по заминувањето од ,,црвено-црниот” табор продолжи да работи во Франција, поточно во моментално најбогатиот клуб ПСЖ.
Во претпоследната негова сезона во Вардар успеа да ја освои титулата со македонскиот шампион во Лигата на шампионите, откако во драматичното финале неговите избраници славеа против ПСЖ.
Искусниот тренер во интервју за Европската ракометна федерација (ЕХФ) се потсети на времето поминато во Македонија и Вардар.
,,Во 2014 година го презедов Вардар, што се покажа како уште едно неверојатно искуство за мене, како тренер. Во сезона 2015/16 бевме елиминирани непосредно пред Ф4 турнирот од Фленсбург. Следната сезона ја остваривме целта и имавме одлично издание на Ф4 турнирот во Келн, ги победивме Барселона и ПСЖ со еден гол разлика. Не можам да го опишам чувството ни сега, шест години подоцна. Не бевме фаворити, но сепак, станавме победници во Лигата на шампионите. Во Македонија беше тотално лудило…90% од населението го следеше финалето со ПСЖ”, изјави Гонзалез.
Шпанецот истакна дека македонската публика е најдобра на светот.
,,Бев и селектор на репрезентацијата на Македонија и знам колку им значи ракометот. Кога се вративме во Скопје, над 100.000 луѓе беа на улиците да не поздрават и да слават со нас. Беше нешто неверојатно, можам со рака на срце да кажам дека навивачите на Македонија се најдобри во светот, начинот на кој навиваат за својот тим, страста што ја имаат за спортот и за своите идоли, тоа го нема никаде на светот”, заврши Гонзалез.
Гонзалез кормилото на Вардар го презеде во месец јануари, 2014 година. Клубот го водеше до сезона 2017/18.