Европската ракометна федерација уште лани во јули ја објави ранг листата на држави и местата кои секоја федерација ќе ги добие во европските купови во машка и женска конкуренција.
Сепак, раководните луѓе на федерацијата на Босна и Херцеговина, дури сега забележаа дека ќе имаат право само на места во ЕХФ Купот (поранешен Челинџ Куп), а направија скандал од тоа што Косово е пред нив на ранг листата.
Од БиХ најавија дека ќе побараат објаснување од Европската ракометна федерација за начинот на рангирање.
„Изненадени сме и навредени од оваа ранг листа на која ја нема Босна и Херцеговина. Сигурно ќе се обратиме до ЕХФ и ќе побараме објаснување. Најискрено се надеваме дека е во прашање грешка предизвикана од актуелната ситуација со коронавирусот. Листата стигна и во нашата федерација, не знам како дојдоа до ваква категоризација Косово да се најде на листата, а БиХ не. Тие немаат вкупно победи колку што имаме ние минатата година, како ги добија бодовите навистина не ми е јасно. Наскоро ќе одлучиме на кој начин нашата федерација ќе реагира до ЕХФ“, коментираа од федерацијата на БиХ за босанските медиуми.
Според рејтинг листата, Босна и Херцеговина ќе има право да пријави три клуба само во ЕХФ Купот, додека нема да има претставник во Лигата на Европа.