Ракометни легенди: Агнес Фаркаш (Унгарија)

Кога ќе се спомене името на легендарната Агнес Фаркаш, веројатно на многумина главна асоцијација им е широката насмевка која го красеше лицето на унгарската репрезентативка.

Љубителите на ракометот во нашата земја ја паметат како најголемата закана по голот на Кометал во шампионската сезона 2001/2002, но да ја започнеме нејзината приказна од почеток.

Агнес Фаркаш е родена на 21 април 1973 и своите почетоци во ракометот ги прави во основно училиште и набрзо станува дел од екипата Епиток. Во оваа екипа минува неколку години и првата титула во домашното првенство ја освојува токму тука по што се решава да направи трансфер во екипата на Будимпешта. По само една сезона мината во оваа екипа, Фаркаш повторно се решава за трансфер и овојпат прави вистински избор со потишувањето на тригодишен договор со екипата на Ференцварош. Во сите години во кои настапува за Ференцварош успева да го освои првото место во најсилното унгарско  натпреварување. Покрај титулите во домашното првенство, со ФТЦ таа стигнува и до првото финале во ЕХФ купот каде што нејзината екипа е поразена и завршува на втората позиција.

17
Агнес Фаркаш во дресот на Херц Ференцварош

Дебито за унгарската репрезентација го прави на 16-ти октомври 1993 во натпреварот против Полска и потоа учествува на првото Светско првенство на крајот на годината каде што нејзината репрезентација заврушува на седмата позиција. Иако во следната година не успеава да освои медал бидејќи унгарската репрезентација заврушува на четвртата позција, Фаркаш не само што е лидер на својот тим туку е и најдобар стрелец на Европското Првенство во 1994 година одиграно во Германија.

Првиот медал со националната селекција на Унгарија доаѓа во следната 1995 година од настапот на Светското првенство во Австрија и Унгарија каде што после поразот од Јужна Кореа во финалето, унгарките се закитуваат со сребрениот медал.

Во 1996 година се здобива со повреда која ја оддалечува од ракометниот терен поради што таа е принудена да ги пропушти Олимписките Игри во Атланта и Европското првенство во Данска.

Во овој период на клупски план таа настапува за првпат надвор од Унгарија и овојпат во германската бундеслига како член на екипата на Борусија. По враќањето на теренот во следната 1997 година стигнува до победа во германскиот куп и до уште едно големо финале во ЕХФ купот кадешто нејзината екипа доживува пораз од Робит Љубљана.

Нејзината желба за успеси ја води кон нов  трансфер и поради тоа Фаркаш потпишува договор со хрватскиот клуб Подравка. Победите во купот и домашното првенство само ја надополнуваат колекцијата на медали и во 1998 година со репрезентацијата на Унгарија стигнува до бронзениот медал од Европското првенство во Холандија.

Во следната 1999 година со екипата на Дунафер доаѓа и нејзиниот најголем успех – трофејот од Лигата на Шампионите, но за жал на репрезентативен план успеава да стигне само до петтото место на Европското првенство.

Орденот за заслуги во нејзината земја и следува во 2000 година кога го води унгарскиот национален тим до златото од Европското првенство во Романија, и сребрениот медал од Олимписките Игри во Сиднеј.

4
Злато од Европското првенство 2000 во Романија

Успесите на легендарната “Фари’’ продолжуваат и во следната 2001 година кога таа станува најдобар стрелец во домашното првенство и ја носи титулата на играч на годината во Унгарија.

Во следната година таа повторно ја добива наградата за играч на годината во својата земја и во оваа сезона таа го преводи Ференцварош до финалето на Лигата на шампионите, и токму екипата на Кометал е таа која успева во два трилер натпревари да дојде до шампионската титула. Како утешна награда за неа е титулата во домашното првенство.

Поради огромните успеси со екипата на Ференцварош таа станува клубска икона, а  признанието го добива од фановите на овој клуб.

На Светското првенство во 2003 година Фаркаш додава уште едно сребро во својата колекција и во оваа година на клупски план повторно заминува надвор од Унгарија во екипата на дански Алборг. Настапот на Олимписките Игри во Атина и го носат само петтото место и нејзиниот последен медал е среброто освоено во данскиот шампионат.

farkas aalborg
Во дресот на дански Алборг

Иако во средината на 2005 година, норвешката екипа Гјерпен и нуди едногодишен договор со можност за продолжување на истиот, таа решава да стави крај на богатата и успешна ракометна кареира.

Приватен живот

По завршувањето на својата кариера, Фаркаш останува и понатаму во ракометот. Во моментов таа е претседател на ракометната федерација на округот Ваш (Западна Унгарија). Таа е главно лице на тимот Сентогард,  ужива работејќи во нејзиниот крај со младите категории на кои  им го презентира ракометот кој во моментот е во сенка во тие области бидејќи големите клубови како Ѓер и Веспрем се попривлечни за младите таленти.

Исто така во 2008 година, дипломираниот електротехничар – Фаркаш ја одржа својата прва сликарска егзебиција.