Ракометот отсекогаш бил дизајниран да биде брз, забавен и динамичен спорт и неговите правила еволуирале во текот на изминатите децении благодарение на одржливиот раст на спортот и подобрувањето на нивото на неговото прифаќање низ целиот свет.
Сепак, ракометот сè уште може да се усоврши и правилата на играта не прават исклучок, бидејќи Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) е во постојани обиди со менување на правилата да го подобри спортот. Со оглед на тоа што тимовите го подобруваат своето ниво и постојано го диктираат темпото на еволуција на спортот, исто така е крајно време е и правилата на играта на ИХФ да го следат споменатото темпо.
Имајќи го ова на ум, ИХФ организираше Меѓукомисиски состанок во ноември 2018 година за да ги слушне различните мислења на ракометните работници – претседатели на континентални конфедерации и национални федерации, врвни тренери, врвни судии, членови на Комисиите на ИХФ, експерти во маркетинг, ТВ и медиуми – за тоа како ракометот може да продолжи да се развива како спорт.
Затоа, од 1 јули 2022 година има некои измени во правилата на игра, кои имаат за цел да го направат ракометот подобар спорт за сите кои се дел од него, вклучително и за тренерите, играчите и последно, но не и најмалку важно, навивачите.
„Секогаш се стремиме да бидеме на исто ниво со сите што го сакаат и го играат овој спорт и ги развиваме правилата во интерес на ракометот, пред се. Спортот расте со многу добро темпо и никогаш не очекував ваква ракометна револуција во изминатите децении. Затоа, правилата треба да се променат за дополнително да се помогне ракометот да се развива на одржлив начин, не со редизајнирање на сè, туку менување на некои работи што би можеле да го поттикнат овој развој“, вели Дитрих Шпат, претседател на Комисијата за тренери и методи на ИХФ.
После рзгледувањето на идеите, а особено на оние поврзани со правилата на игра, Работната група за развој на правилата на игра на ИХФ подготви нови амандмани за измена на три правила.
ПАСИВНА ИГРА
Се намалува маскималниот број на додавања на екипата која е во напад од шест на четири откако судиите ќе го покажат знакот за пасивен напад, односно откако ќе ја крената раката.
Додавањето на тимот кој напаѓа ќе му се брои и доколку е блокирано од противнички играч но повторно топката се врати кај екипата која е во напад. Доколку напаѓачката екипа добие слободен удар после фаул или аут после четвртото додавање, ќе може да одиграат долнително додавање за да го завршат нападот.
УДИРАЊЕ НА ГОЛМАНОТ СО ТОПКА ВО ГЛАВА
Исклучување од две минути наместо црвен картон за играчот кој изведува седмерец кога ќе го погоди голманот во глава.
Исклучување од две минути за играчот кој ќе го погоди голманот во глава со топка и од игра.
Исклучоци се ситуациите кога играчот има изгубено рамнотежа и заради прекршок од противинчкиот одбранбен играч и после одбивање на топката од одбранбен играч односно индиректен удар.
НОВ ОЗНАЧЕН ПРОСТОР НА ЦЕНТАР ЗА ПОЧЕТЕН УДАР
Ќе се воведе нов простор на центар во вид на круг од каде што ќе се започнва нападот после гол
Три различни дијаметри на кругот се во комбинација и треба да се тестираат, 3.5 метри, 4 метри и 4.5 метри.
„Секогаш целта треба да ни биде играта да ја развиваме на тој начин што ќе станува поатрактивна, а здравјето и безбедноста на играчите да останат со најголемо значење. Се надеваме дека овие промени на правилата ќе придонесат во двата аспекта и нашиот спорт ќе има позитивен развој“, изјави Пер Мортен Сондал, претседател на Комисијата за правила и судење на ИХФ.
Пасивна игра: Четири додавања наместо шест откако судиите ќе ја кренат раката
Првата голема промена ќе биде намалувањето на максималниот број додавања на напаѓачката екипа од шест на четири откако судиите ќе ја кренат раката за пасивна игра пред да досудат пасивен напад. Новото правило има за цел да ја направи играта побрза и да гарантира дека ракометот ќе биде подинамичен, со тоа што тимовите ќе имаат помалку време за да упатат удар кон голот.
„Секогаш се трудиме да го направиме ракометот поатрактивен и да создадеме натпреварувачка игра. Ракометот сега е еден од најбрзите тимски спортови во светот. Кога ќе фрлите поглед на бројот на напади по натпревар, имате од 55 до 60 за секој тим, до 120 напади во секој натпревар. Времето на секој напад се намали во последните години на 33,8 секунди во просек. Но, ова не значи дека одбраната не е важна во ракометот, ние исто така обезбедуваме тимовите да стануваат се подобри и подобри во тој дел и последните трендови покажуваат дека фокусот сега е исто така ставен на одбраната“, додава Дитрих Шпат.
„Екипата може да потроши доста време со сегашните правила, кои дозволуваат шест додавања пред да се досуди пасивна игра. Со четири, ова време е значително намалено. Се разбира, критериумите судиите да ја кренат раката остануваат исти. Се надевам ова ќе придонесе и да се забрза играта“, потврдува Содал.
Нов простор за почетен удар за да го направи ракометот подинамичен
Од 1 јули 2022 година, ќе се воведе нов простор за почетен удар. Претходно, играчот мораше да застане со едната нога на централната линија за да го започне нападот. Новите правила налагаат дека топката ќе се враќа во игра од новиот круг за почеток на нападите, кој според ревизијата на правилата треба да биде со дијаметар од четири метри и да биде поставен на средината на централната линија.
Судиите може да дадат знак за почетен удар веднаш штом топката е во кругот за исфрлање и играчот има најмалку една нога внатре во кругот. Играчот кој го изведува почетниот удар може да се движи во кругот, но не и да отскокнува. Противничките играчи мора да бидат надвор од кругот и да не ја допираат топката или противниците додека не заврши изведувањето.
„Започнување на нападите од одреден круг на центарот, каде што играчот што го изведува сега ќе може да трча, ќе ја направи играта многу побрза. Мислам дека ова ќе биде промената што ќе има најголемо влијание врз играта“, вели Содал.
Ударите во глава ќе бидат казнувани , безбедноста на играчите останува најважна
Обезбедувањето на безбедноста на играчите е најважно за ИХФ, бидејќи во изминатите години беа направени многу промени во Правилата на игрите за да се осигура дека бројот на повреди е намален на сите нивоа на ракометната пирамида. Иако тие дефинитивно ќе се појават во иднина, одговорност на ИХФ е да преземе мерки против оние што би можеле да се спречат. Во светот на спортот повредите на главата се критични, а во ракометниот случај голманите се најранливи на нив. Затоа, директно исклучување од две минути доколку стрелецот го погоди голманот со глава со топка кога е во игра, ќе биде задолжително, доколку ударот не доаѓа од неурамнотежен играч или од индиректен удар.
„Сериозно ја сфаќаме безбедноста на играчите и има многу, многу дискусии во другите спортови за потреси на мозокот и повредите на главата. Сакаме да ги намалиме ваквите повреди во ракометот, бидејќи имавме и играчи кои требаше да се пензионираат во изминатите години поради удари во глава. Знаеме точно што се случува во другите спортови, како американскиот фудбал или фудбалот.„Исто така, многу ми е мило што го имам Матс Олсон во нашата експертска група на ИХФ и ова беше една од неговите идеи, како поранешен голман, да помогне да се минимизира бројот на повреди на главата што може да се појават на натпревар. Овој вид на придонес е непроценлив и навистина му помага на ракометот на долг рок“, вели Дитрих Шпат.
Возбудлива иднина на ракометот
Овие правила ќе се применуваат на најважните турнири и натпревари, од 1 јули и веројатно ќе имаат силно влијание врз квалитетот на играта.
„Со таков фокус на нападот, по воведувањето на правилото седум на шест, без дополнителниот играч од теренот да мора да носи маркер – како порано – и тимовите да имаат поефикасна опција за промена на голманот за надвор од теренот, тие се фокусирани на нападот, но и одбраната е клучна за нашата игра. Дефинитивно бевме возбудени од еволуцијата на ракометот и би сакале да го видиме дополнително да се развива“, заклучува Дитрих Шпат.
„Иднината на ракометот е многу возбудлива. Ние сме во континуиран развој со цел да го направиме спортот поатрактивен, побезбеден и поправеден. Ова е постојана работа. Овде соработката меѓу судиските експерти, тренерите, играчите, но и медиумските и медицинските експерти е многу важна. Треба да слушаме мислења од сите страни“, се согласува Содал.
Покрај новите правила, ИХФ работи на поголем проект „Толкување на правилата“, кој ќе содржи создавање на три Правила. Овие Правила ќе бидат дел од апликација за ракометните работници ширум светот, не само за да имаат лесен пристап, туку и да добијат подобро разбирање на правилата и нивното толкување. Основната верзија на апликацијата со објаснување на новите правила е достапна од денеска.
Нови правила се применуваат на СП во Словенија 2022 година
Првото Светско првенство на ИХФ на кое ќе се применуваат новите правила е Светското првенство за младинки (У20) во Словенија во 2022 година.