На теренот, тие се херои што ги решаваат натпреварите со топка која лета повеќе од 100 км/час и постигнуваат клучни погодоци. Надвор од теренот, тие се жени што покажуваат дека не мора секогаш да се избира меѓу ракометот и семејството.
Некои од ракометарките што играат на ЕП во Македонија, покрај себе ги имаат своите семејства и своите деца. Прегратка, насмевка…и се заборава секој лош резултат на теренот.
„За мене најважна работа е семејство. Ракометот е на второ место, среќна сум и кога ја имам топката во раце. Но се што правам, правам за моето семејство. По бременоста се обидов да се вратам во старата форма и да играм ракомет пак, бидејќи сакав да си докажам и себе и на моите дека го можам тоа“, вели Естевана Полман, репрезентативката на Холандија.
Нејзината ќерка е вторпат со неа на Европско првенство, исто како во Франција пред четири години на ЕП 2018.
Најтешката работа во ракометот се патувањата, вели норвешката ветеранка Катрине Лунде, која го брани голот на европскиот и светски прва.
„Благодарна сум и среќна сум што можам да бидам и мајка и ракометарка. Еден месец веќе ја немам видено мојата ќерка Анита, но секој ден комуницираме, зборуваме на телефон“, вели Лунде.
Централниот бек на Црна Гора, Милена Раичевиќ, за разлика од Лунде е со својот малечок син Вук во Скопје.
„Знам колку е важна мајката, бидејќи јас ја загубив мојата кога имав 14 години. Навистина сакав да станам мајка и кога тоа се случи, тоа беше еден од најсреќните денови во мојот живот. Знам дека многумина мислат дека тешко е да играш ракомет или да градиш кариера откако ќе родиш. Но јас мислам обратно. На теренот се смеам повеќе, посреќна сум, се ми се промени навистина“, вели Раичевиќ.