Машката сениорска репрезентација на Македонија во вторник заминува за Дебрецин каде што ќе ги игра натпреварите од групната фаза на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Ракометната федерација на Македонија се погрижи да обезбеди чартер лет за нашите репрезентативци, кои ќе патуваат сами до крајната дестинација без ризикот што го носи патувањето со уште многу други луѓе во услови кога се шири коронавирусот.
Тие полетуваат од аеродромот во Скопје утре во 14:10 часот, а во Дебрецин треба да слетаат во 15:30 часот и веднаш да се упатат во хотелот.
Како за споредба, Данска, која е првиот фаворит за златниот медал, патува денеска за Дебрецин, но со обичен лет и тоа од Копенхаген до Амстердам, а потоа со друг авион од Амстердам до Будимпешта.
Од унгарската метропола со автобус уште три часа ќе мора да минат до крајната дестинација Дебрецин.
Македонија го стартува ЕП со дуел против Словенија на 13 јануари, на 15 ќе играме против Црна Гора, додека на 17 јануари е натпреварот против Данска.