За време на пандемијата на коронавирусот голем број компании се соочуваат со големи проблеми предизвикани од финансиската криза. Меѓу нив е и главниот спонзор на Целје, пиварницата Лашко Унион која поддржува и други спортски колективи.
Ракометарите и некои членови на управата два дена беа ангажирани да помогнат во одгледувањето на хмељ, главна состојка на пивото во Савињската долина. Ракометарите одработеа 1.250 работни часа волонтерска работа, а клубот Целје со задоволство се приклучи во акцијата на нивниот спонзор наречена „Солидарноста е моќ“.
„Задоволство е да бидеме дел од денешната акција на пиварата Лашко. Сепак, ова е многу различно од нашата секојдневна работа и за сите нас претставува единствен предизвик и настан што ќе се памети уште долго време. Во оваа криза секој од нас мора да даде свој придонес и на овој начин убеден сум дека ќе успееме успешно да ја надминеме“, рече Тилен Кодрин.
Ставот на клубот е дека во овие тешки моменти на криза единствен начин да се надмине невообичаената ситуација е солидарноста.