Радовиќ се прости од Чкембари: Се разделуваме на најубав можен начин, клубот е во сигурни раце!

Новиот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, во следната сезона ќе има нов капитен, биејќи довчерашниот, црногорскиот репрезентативец Мирко Радовиќ нема повеќе да биде дел од битолскиот тим.

Иако се очекуваше дека искусното десно крило ќе остане во редовите на македонскиот шампион, сепак, двете страни се договорија секој да продолжи по свој пат.

Радовиќ во Битола пристигна во сезона 2018/19 и беше еден од најконстантните играчи во Еурофарм Пелистер, секогаш го даваше максимумот на терен и поради тоа стана миленик на навивачката група „Чкембари“ и на битолската публика.

Црногорецот преку социјалните мрежи го најави заминувањето од Еурофарм Пелистер и со емотивна порака се прости од „Чкембари“.

,,Драга моја Битола, драги битолчани, Чкембари и сите мои пелистерци на секаде во Македонија, фала ви на преубави и незаборавни 5 години. Фала ви што моето семејство и мене ме прифативте како ваши. Среќен сум што најубавите години од својот живот и својата кариера ги поминав во Битола. За жал, дојде време да се разделиме, но се разделуваме на најдобар можен начин, ја вративме титулата после 18 години таму кај што му е местото, во Битола. Клубот го оставам во сигурни раце, млади домашни сили кои таа работа ќе ја обработат исто како и јас, сигурно и уште подобро од мене. Тие се врвни луѓе и спортисти на кои лежи сегашноста и иднината на македонскиот ракомет. Големо фала за сите мои соиграчи, што ме трпеа цело ова време, знам дека не беше лесно. Фала и на управата на клубот, на целата фамилија Стерјеви, што пред се ме третираа како член на фамилијата, па потоа како играч сите овие години. Фала ти Битола, мој драг дом, ова не е збогум, туку само до следно видување, само не повеќе во улога на капитен, туку во улога на навивач. Ве сака вашиот капитен”, напиша Радовиќ на социјалните мрежи.

Радовиќ би требало да го засили својот матичен клуб Ловќен, кој има високи амбиции за следната натпреварувачка сезона.