Црногорскиот репрезентативец Мирко Радовиќ е новиот капитен на Еурофарм Пелистер по заминувањето на Јосип Периќ во Татабања.
Радовиќ вели дека е голема чест да биде предводник на битолскиот тим и се надева дека ќе ја оправда големата доверба.
„Голема е честа да бидам избран за капитен на Еурофарм Пелистер, па се надевам дека ќе ја оправдам довербата како на соиграчите, така и на навивачите и управата. Кратко сме заедно со новите играчи, полека ги склопуваме коцките, се трудиме да дадеме максимум сите, напорно се тренира во Маврово“, вели Радовиќ.
Во битолската екипа дојдоа многу нови играчи, а заминаа сите странци од претходната сезона освен Радовиќ.
„Секој тим е посебна приказна. Секоја сезона носи нови предизвици, има свои подеми и падови. Момците само што пристигнаа и новиот тренер исто така, се обидуваме еден на друг да се прилагодиме, иако немаме многу време. Се трудиме секој ден фокусот да ни е на давање на максимумот, а ќе им помогнеме на новите ракометари да се вклопат во нашиот систем“, заврши Радовиќ.
Битолчани до 2 август се на подготовки во Маврово, потоа се враќаат во Битола каде ќе тренираат до настапот на Струшкиот турнир и ќе одиграат пријателски дуел со Еурофарм Пелистер. До крајот на август ги чека натпревар од Суперкупот против Вардар и четвртфинален дуел со Мешков Брест во СЕХА лигата.
Валтер: Напредуваме секојдневно, ќе бидеме подготвени за сите предизвици!