Суперлигашот Радовиш и прволигашот Младост Богданци по одработувањето на првиот дел од подготовките, со меѓусебен пријателски натпревар ја започнаа втората фаза од подготвителниот период, во кој двете екипи ќе одиграат неколку контролни натпревари пред почетокот на новата натпреварувачка сезона.
Радовиш триумфираше против некомплетниот тим од Богданци, со резултат 32:24 (17:12). Ракометарите на Радовиш со подобрата игра во вторите 30 минути успеаја да дојдат до убедлива победа, а двајцата тренери шанса им дадоја на сите ракометари.
Во редовите на Радовиш најефикасни беа Здравко Постолов со девет и Ангелче Органџиев со седум погодоци. Расположени на голот беа Славјан Паунов и новиот член Кристијан Костадиновски. Паунов натпреварот го заврши со 12 интервенции, додека Костадиновски забележа седум одбрани.
Кај Младост Богданци најефикасен беше Стојанчо Наумовски со седум погодоци. Голманот Благој Панов беше солиден меѓу стативите со осум интервенции, а Васил Демерџиев имаше две одбрани.
Екипата на Радовиш во Суперлигата ќе игра во групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.
Младост Богданци и во новата сезона ќе се натпреварува во прволигашкото друштво. Избраниците на Мите Стоилов во регуларниот дел од Првата лига за ривали ги имаат екипите на Јехона, Бисинов, Кичево, Македонија ЃП, Мулти Есенс, Овче Поле, Работнички, Текстилец и Шампион.