Радовиш триумфално против Скопје – на чекор до суперлигашки опстанок!

Екипите кои се натпреваруваат во плеј-аут фазата во Супер лигата и се борат за опстанок, Скопје и Радовиш, денес во СЦ „Борис Трајковски“ се сретнаа во рамки од 9.коло, а на победа се радуваше екипата на Радовиш која триумфираше со 25:29. Првата меѓусебна пресметка меѓу двете екипи во плеј-аутот заврши со победа на Радовиш од 24:21.

Ракометарите на Андријана Будимир од самиот старт на натпреварот, па сѐ до последната минута од првото полувреме ја диктираа играта на терен. Во воведниот дел поведоа со 3:1, во неколку наврати имаа три-четири гола разлика, но во самиот финиш од првото полувреме дозволија гостите од Радовиш да направат камбек и целосно да се вратат во игра.

Составот на Радовиш, кој во најголемиот дел од првите 30 минути имаше минимална негатива, успеа да се избори за нерешен резултат на полувреме, 14:14, иако домаќините на неколку минути пред крајот имаа солидно водство од 13:9.

Во првите минути од второто полувреме, Радовиш дојде до првото водство на натпреварот, 14:15. Големата борба за секоја топка и играта гол за гол продолжи и во следниот период, па така, во 40 минута резултатот беше 18:18. Екипата на Скопје влезе во кризен период, кој беше искористен од страна на гостинскиот состав.

Радовиш со три гола во низа се одлепи на 18:21, додека домаќините беа под голем притисок за камбек на натпреварот. Гостите во последните десет минути имаа целосна контрола на резултатот, ја зголемија предноста на шест гола разлика, 22:28, и се изборија за важна победа во борбата за опстанок.

Најефикасен на натпреварот беше членот на Скопје, Леонид Киселовски со 12 погодоци. Листата на стрелци во Радовиш беше предводена од Здравко Постолов со осум погодоци.