Суперлигашот Радовиш, кој пред неколку дена ги започна подготовките, со две нови засилувања го комплетираше тимот за новата натпреварувачка сезона. По ангажирањето на единствениот странец, средниот бек Јакша Вјештиша, како и голманот од Кичево, Кристијан Костадиновски, во клубот пристигнаа уште двајца нови ракометари.
Станува збор за левиот бек Гоце Ѓоргиевски, кој одреден временски период отсуствуваше од ракометните терени поради повреда. Ѓоргиевски во својата кариера настапуваше и за екипите на Делчево, Весна Акумулатори и Текстилец.
Клубот се засили и со левото крило Дарио Јорданов. Младиот ракометар потекнува од школата на Текстилец од Штип, а во кариерата настапуваше и за младинскиот тим на Вардар Јуниор. Во Радовиш доаѓа по интернационалната кариера која ја имаше во Австрија, поточно во екипите на Штокерау и Фиверс.
Договорите со Радовиш ги продолжија столбот на одбраната, Александар Марков, левото крило, Кристијан Ристов, десното крило, Филип Трајанов, голманот Славјан Паунов, кружниот напаѓач Томче Трајчевски, како и тројцата ракометари кои настапуваат на бековските позиции, Ангелче Органџиев, Здравко Постолов и Иванче Ончев.
Од младинскиот погон на екипата во сениорскиот тим беа прекомандувани голманот Александар Ристов, пикерот Ристе Атанасов, десното крило Матеј Шапков и левото крило Костадин Ѓеоргиев.
Клубот го напуштија Иван Нисов и Бобан Каковски, додека Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев ставија крај на својата ракометна кариера. Пред две сезони Радовиш преку бараж го обезбеди опстанокот во елитното друштво, а минатата сезона дилемите беа решени пред крајот на плеј-аутот.
Радовишани во регуларниот дел од новата сезона ќе бидат дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.