Ракометарите на Прилеп освоија значајни бодови во битката за опстанок во суперлигашкото друштво, откако славеа на гости кај Радовиш со 19-17. Прилепчани можеа уште порано да го решат прашањето на победникот, но домашните ја намалија негативата на минус еден и го направија драматичен финишот, во кој сепак трите бода ги освоија гостите.
Прилепчани имаа фуриозен старт, влегоа во одлична серија, постигна неколку брзи гола и по осум минути игра имаа резултатска предност од 6:0. Домаќинот првиот гол го постигна преку кружниот напаѓач Трајчевски, потоа врза уште два гола во низа и кон средината на првото полувреме ја преполови негативата намалувајќи на 6:3.
Откако Радовиш во воведниот дел седум минути беше без реализација, гостинот од 8-та минута па до 17-та никако не успеа да го пронајде патот до голот на ривалот. Радовиш се консолидира, заигра поангажирано и на истекот од првата половина од првиот дел се доближи на 6:4.
Бикоски со гол од контра го прекина кризниот период на гостите, зголеми на 7:4, но домаќините преку Долдуров и Трајанов намалија на само гол негатива, 7:6. Следуваше период на брза игра и пред финишот од дуелот домашниот тим успеа да израмни на 8:8.
Сепак на пауза прилепчани заминаа со водство од три гола, 11-8. Во второто полувреме гостите имаа и пет голови предност, 13-8, но како одминуваше времето така и отпорот на Радовиш стануваше се поголем.
Во финишот на мечот избраниците на Љупче Мијалов се доближија и на минус еден, 18-17, но Бикоски стави точка на мечот и бодовите отпатуваа за Прилеп. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Шокоски со шест и Бикоски со четири гола, додека кај Радовиш се истакнаа Марков со пет и Трајанов со четири погодоци.
Прилеп сега има 17 бода на третото место во плеј-аутот, додека Радовиш останува закован на дното со два бода.