Источна Македонија во следната натпреварувачка сезона 2023/24 нема да има суперлигашки претставник, откако тимот на Радовиш на три кола пред крајот од плеј-аут фазата нема никакви теоретски шанси да обезбеди опстанок во најсилната конкуренција на домашна сцена.
Екипата на Радовиш по десет години учество во најквалитетната лига во Македонија, во следната сезона 2023/24 ќе игра во понизок ранг на натпреварување, односно во Првата лига. После Вардар, Пролет и Еурофарм Пелистер, сега веќе старо-новиот прволигаш има моментално најдолг стаж во елитата.
Љубителите на ракометот во Радовиш нема да бидат многу “фасцинирани” од тоа што ќе гледаат во новата сезона, со оглед на тоа дека во Првата лига нема голема конкуренција, па така доколку се задржат поголемиот број на играчи, тимот лесно може да се врати во елитата.
Радовиш во сезона 2012/13 ја освои Првата лига и од сезона 2013/14 се натпреварува во Супер лигата. Во тие десет години, кои беа проследени со подеми, падови, неизвесна судбина, бараж за опстанок, клубот некако успеваше да го сочува статусот на суперлигаш.
Заминувањето на неколку играчи пред стартот на плеј-аут фазата резултираше со лоши резултати во борбата за опстанок. Радовиш регуларниот дел од сезоната го заврши со само една победа и две нерешени средби. Најпозитивен впечаток остави во натпреварот со Пролет кога успеа да одигра реми со скопскиот тим.
Сепак, тимот на Радовиш во борбата за опстанок целосно потфрли, нема освоено победа и веќе од поодамна го има изгубено суперлигашкиот статус. Како што е веќе познато, екипите што ќе завршат на седмото и осмото место во плеј-аутот ќе испаднат во Првата лига, додека шестопласираната екипа ќе игра со третиот од плеј-офот во Првата лига бараж натпревар на неутрален терен.
Во опасната зона се наоѓаат и екипите на Вардар Неготино и Јуниор КВ, кои имаат 16, односно 14 бодови. Голден Арт и Куманово се екипите кои практично обезбедија опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија.