Екипата на Радовиш во текот на вчерашниот ден започна со подготовките за новата натпреварувачка сезона. Тренерот Љупче Мијалов на првата прозивка не можеше да смета на неколку ракометари поради повреда.
Во следниот период, раководството на клубот треба да го објави целосниот план на подготовките, како и евентуалните нови засилувања во ростерот. Амбициите на клубот за новата сезона ќе бидат обезбедување на опстанок во македонската елита и подобар пласман од ланската сезона.
Радовиш претрпе мали промени во играчкиот кадар. Клубот ангажираше само едно засилување, српскиот ракометар од Морава, Јакша Вјештица, кој игра на позицијата среден бек. Од младинскиот погон на екипата во сениорскиот тим беа прекомандувани голманот Александар Ристов, пикерот Ристе Атанасов, десното крило Матеј Шапков и левото крило Костадин Ѓеоргиев.
Договорите со Радовиш ги продолжија столбот на одбраната, Александар Марков, левото крило, Кристијан Ристов, десното крило, Филип Трајанов, голманот Славјан Паунов, кружниот напаѓач Томче Трајчевски, како и тројцата ракометари кои настапуваат на бековските позиции, Ангелче Органџиев, Здравко Постолов и Иванче Ончев.
Од Радовиш официјално си заминаа Иван Нисов и Бобан Каковски, додека Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев ставија крај на својата ракометна кариера. Пред две сезони Радовиш преку бараж го обезбеди опстанокот во елитното друштво, а минатата сезона дилемите беа решени пред крајот на плеј-аутот.
Радовишани во регуларниот дел од новата сезона ќе бидат дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.