Ракометарите на Струга имаа добро издание во 12. коло од Супер лигата и на домашен терен славеа сигурна победа против составот на Радовиш со 24:20 после доминација во текот на целиот меч.
Струга добро го отвори дуелот, Блажески и Бајрактаревиќ погодија за почетно водство на домашниот тим. После 4:1, избраниците на Танески имаа и 9:4 предност со што најавија дека се решени да ги освојат бодовите. Радовиш се обидуваше да се врати во игра, но сите обиди беа неуспешни и после првото полувреме гостинскиот тим имаше висока негатива. После 30. минути игра резултатот беше 16:10.
Во продолжението Струга без многу проблеми ја одржуваше позитивата. Разликата постојано беше пет или шест гола, а Радовиш беше немоќен да се врати во игра и да направи пресврт. До крај гостите само го ублажија поразот. Прв стрелец во екипата на Струга беше Владан Кастратовиќ кој натпреварот го зарши со шест погодоци. По четири гола постигнаа Филип Пајковски и Жарко Бајрактаревиќ. Во екипата на Радовиш најефикасен со пет гола беше Здравко Постолов.
Ова беше трета победа на екипата на Струга која се наоѓа на 10. место на суперлигашката табела пред Радовиш кој останува на една победа на претпоследното место со три бода.