Ракометарите на Радовиш беа убедливи на домашен терен против составот на Јуниор Кисела вода забележаа победа од 39:27 во заостанатиот натпревар од Групата А од Супер машката лига.
Радовишани тргнаа силно од првата минута и брзо направија висока предност. После 6:1 беше јасно како ќе се одвиваат настаните на теренот. Раниот тајм-аут за гостите не даде резултат и предноста на домашните продолжи да расте.
Домашните имаа повеќе од играта, но беа и порешителни во нападот и во реализацијата. Гостите не успеаја да го следат ритамот, па на одмор резултатот беше 22:11 во корист на Радовиш.
После ваквата предност во второто полувреме немаше потреба од дополнително форсирање. Радовишани само ја одржуваа предноста и без проблеми до крајот останаа на висока предност која беше и повеќе од доволна за да се дојде до триумф.
Со ова Радовиш го напушти последното место на табелата, а Јуниор Кисела вода ќе мора да надоместува во следниот период.