Радичевиќ се разигра, Црна Гора се израдува на Мундијалот

Репрезентацијата на Црна Гора ги освои првите бодови на Светското првенство во Шпанија откако во второто коло беше убедлива против директниот конкурент за пласман во следната фаза, Ангола, со резултат 30:20.

Избраничките на Бојана Поповиќ во првото полувреме имаа сериозен противник, кој, иако беше во резултатска негатива, сепак, колку – толку се обидуваше да му парирра на поранешниот олимписки вицешампион. Црногорките уште од самиот почеток ја диктираа играта и во текот на првите 30. минути имаа водство од три до четири гола разлика. Со головите на Радичевиќ и Брновиќ, Црна Гора добро почна и создаде предност од 3:0. Ангола првиот гол на натпреварот го постигна по седум минути игра и во останатиот дел заигра подобро во нападот и одбраната. На неполни три минути пред крајот на првото полувреме резултатот гласеше 10:8 за Црна Гора, а на пауза црногорската репрезентација замина со минимално водство од 11:9.

Црна Гора во второто полувреме направи серија од 3:0 и се одлепи на 14:9. Во тој момент беше скршен отпорот на Ангола. Со незапирливата Радичевиќ, како и добрата игра на Плетикосиќ, репрезентацијата на Црна Гора имаше сигурна предност од 17:12 во текот на 40. минута. На десетина минути пред самиот финиш водството на Црна Гора изнесуваше 24:17, а тоа им овозможи мирна завршница на Црногорките и први бодови на свое конто.

Во репрезентацијата на Црна Гора најефикасна беше Јованка Радичевиќ со 12 погодоци, а своја поддршка имаше од организаторот на нападите, Матеа Плетикосиќ која постигна пет погодоци од шест обиди.

Србија ја забележа втората победа на Мундијалот во Шпанија откако во нејзиниот втор натпревар немаше проблеми против Камерун и обезбеди висок триумф од 43:18. Во репрезентацијата на Урош Брегар најефикасна беше Марија Агбаба со седум погодоци, додека ракометарките кои порано играа во Македонија, Кристина Лишчевиќ и Марија Петровиќ постигнаа по три, односно еден погодок.

Убедлива победа оствари и Норвешка која беше доминантна против Иран со 41:9.

РЕЗУЛТАТИ, 2. КОЛО:

ГРУПА А

СЛОВЕНИЈА – ФРАНЦИЈА 18:29 (8:13)

ЦРНА ГОРА – АНГОЛА 30:20 (11:9)

ГРУПА Б

ПОЛСКА – РУСИЈА 23:26 (10:16)

СРБИЈА – КАМЕРУН 43:18 (19:9)

ГРУПА Ц

РОМАНИЈА – КАЗАХСТАН 38:17 (14:9)

ИРАН – НОРВЕШКА 9:41 (3:22)

ГРУПА Д

ШВЕДСКА – ПОРТОРИКО 48:10 (26:5)

УЗБЕКИСТАН – ХОЛАНДИЈА 17:58 (10:28)

ГРУПА Е

СЛОВАЧКА – ГЕРМАНИЈА 22:36 (12:17)

УНГАРИЈА – ЧЕШКА 32:29 (17:15)

ГРУПА Ф

ЈУЖНА КОРЕЈА – ТУНИС 31:29 (14:14)

КОНГО – ДАНСКА 18:33 (7:18)

ГРУПА Х

АВСТРИЈА – АРГЕНТИНА 29:31 (14:18)

КИНА – ШПАНИЈА 18:33 (7:16)