Ракометарите на Работнички без многу проблеми ја совладаа екипата на Астраион во 11. коло од плеј-аутот во Супер лигата откако на гостински терен славеа убедливо со 18:24.
Се играше израмнето до резултат 4:4, тогаш гостинскиот тим ја започна серијата од 5:0 и веќе имаше предност за мирна игра во продолжението. Астраион имаше многу потешкотии со реализацијата и за 30 минути постигнаа само шест гола.
На полувреме Работнички имаше високо водство од седум гола кога водеше 6:13 што се покажа како доволна предност за конечен триумф. Во продолжението гостинската екипа одигра рутински за конечна лесна победа.
Предводници во победата на Работнички беа Точе Ончев и Лука Вујовиќ со по седум погодоци. Во составот на Астраион најзабележителен беше Марко Стојанов кој постигна пет гола. Со овој триумф Работнички се замеша во борбата за врвот на табелата и опстанок во суперлигашкото друштво.