Екипата на ГРК Тиквеш дојде до нова победа во Групата Б од Супер машката лига откако денеска после 20 минути игра го скрши отпорот на Работнички и потоа доминираше во следните 40 за победа од 33:21.
Кавадарчани наидоа на силен отпор од составот на Работнички кој одигра добра средба во првите 20 минути. Гостите од Скопје успеваа да го исполнат она што тренерот Петрушевски го очекуваше од нив и беа и во предност. Сепак, откако во 21. минута поведоа со 11:9 работите како да се сменија.
Одеднаш сè отиде во полза на домашните кои со 7:0 дојдоа до 16:11 на крајот од првит дел од средбата.
Ништо подобро за Работнички не беше ниту на стартот на вториот дел. За следниот погодок се чекаше со 37. минута, а тука веќе победникот беше одлучен бидејќи ГРК Тиквеш веќе водеше и со 21:11 така што до крајот на средбата беше само прашање која ќе биде разликата.
Со оваа победа составот на ГРК Тиквеш останува во трка за плеј-оф и има добра позиција така што допрва ќе се води битката за местата кои водат во разигрувањето.