Тимот на Работнички славеше во пресметката со Јехона од Гостивар со убедливи 15 голови разлика, 35-20. Гостите без најдобриот стрелец Салиу, немаа сили да парираат на домашниот тим.
По 5-3 на стартот, Работнички со серија од шест гола стигна до 11-3 и најави кој е кој на овој натпревар. До крајот на полувремето предноста изнесуваше 11 погодоци, 17-6 и немаше дилеми околу победникот.
Второто полувреме беше само формалност и шанса за тренерите на двата тима да им дадат шанса на ракометарите што имаат помала минутажа. Највисоката предност на Работнички беше 17 гола, 35-18, но до крајот на мечот Јехона погоди два пати по ред.
Најдобри стрелци кај победничкиот тим беа Давид Димевски, Климент Ефтимов и Стефан Чакалиќ со по шест погодоци, додека кај Јехона се истакна Бојан Марковски со осум гола.
Сега Работнички има 21 бод на четвртото место на табелата кое води во плеј-офот, а Јехона е место подолу со 18 бода и со шанси за место во разигрување за Суперлига.