Ракометарите на Работнички дојдоа до втората победа во Групата Б од Супер машката лига, а успеаја да му го нанесат првиот пораз на составот на Бутел Скопје со 23:21.
Поради тоа што двете екипи се договорија уште на почеток како домаќини да играат на теренот на противникот денеска Бутел Скопје беше домаќин во СЦ „Јане Сандански“. На оваа средба, сепак, наиде на максимално мотивиран противник, па момците од Работнички во секој момент знаеја што сакаат на теренот.
Од стартот се виде дека тимот на Работнички е решен да дојде до бодови. Средбата тргна добро со предност од 2:0. Овие два гола се одржуваа неколку минути, a потоа играчите на на Бутел Скопје израмнија на 6:6. Од тој момент до крајот на средбата се играше гол за гол односно Работнички секогаш поведуваше, а Бутел Скопје израмнуваше така што на одмор се замина со резултат 11:12.
Вториот дел тргна со два гола за гостинскиот состав и прва предност за Работнички од три гола. Ова отвори простор за помирна игра, па веќе се гледаше дека тимот на Бутел Скопје тешко ќе може да дојде до можност за бодови. Највисоките 20:16 за Работнички беа направени во моментите кога средбата влегуваше во завршница и тука полека стануваше јасно дека гостите ќе ги однесат бодовите.
За Бутел Скопје остана да се обиде да фати приклучок. Ракометарите на овој тим успеаја да намалат до 21:22, но Ончев на 15 секунди до крајот од пенал стави точка на средбата и донесе втора победа сезонава за тимот на Работнички, а прв пораз за Бутел.
Бутел – Работнички
На пет секунди до крајот дојде до мал прекин. Тренерот на Бутел Скопје, Кристијан Грчевски реагираше кај судијата Кркачев. Сите ракометари беа околу нив, па не можеше да се забележи дали се работи исклучиво за вербална реакција или имаше некаков мал контакт. Сепак, сето ова заврши со црвен картон за тренерот на Бутел Скопје и тоа во моменти кога сè веќе беше завршено.