ПСЖ падна во Веспрем!

Унгарскиот вицепрвак Веспрем имаше победнички старт во Лигата на шампионите, откако на домашен терен славеше против францускиот ПСЖ со 36-33, откако по првото полувреме беше нерешено, 17-17.

Се играше гол за гол до 6-6, потоа францускиот тим поведе со 8-6, но Веспрем брзо се врати во игра. По 10-10, ПСЖ почна да се одлепува. Паличка беше одличен на голот, нападот на домашните немаше многу идеја.

На спротивната страна Кристопанс го полнеше голот на Коралес, кој потоа беше заменет со Цупара и ПСЖ стигна до највисоки 14-10. Беше и 16-12 откако Шипжак казни една грешка на Веспрем, но потоа почна камбекот на избраниците на Илиќ.

Ненадиќ и Елдера внесоа свежина во нападот на Веспрем, Цупара одбрани два шута и унгарскиот вицепрвак израмни на 16-16. Уште по еден гол имаше на двете страни и со нерешено се замина на пауза, 17-17.

Мае и Омар на стартот на вториот дел погодија за плус два, 19-17, а ПСЖ влезе во криза која резултираше со уште поголема предност за Веспрем, 24-21. Паличка не беше добар како во првиот дел, па Веспрем со голот на Маргуч поведе и со плус пет, 28-23.

Веќе се навестуваше крајниот исход од овој меч, но Кристопанс и Стеинс го вратија ПСЖ во игра, 31-28 беше на осум минути до крајот. Цупара му фати пенал на Балагер, потоа Шпанецот промаши уште еднаш, но срппскиот голман не можеше против Шипжак и на две и пол минути до крајот беше 34-32.

Штрлек погоди по една украдена топка за 36-33 и веќе немаше дилеми околу победникот. Цупара имаше десет одбрани, а најдобри стрелци беа Лауге со 11 и Омар со осум гола, додека кај ПСЖ, Паличка имаше исто така десет одбрани, а Кристопанс даде седум погодоци.