Косовскиот шампион Беса во наредната сезона ќе биде предводен од довчерашниот играч на тимот, босанскиот ракометар, Никола Прце, а во клубот пристигна и првото засилување за новата натпреварувачка сезона.
Екипата од Пеќ во своите редови го ангажираше хрватскиот интернационалец Иван Мајиќ. Станува збор за ракометар, кој настапува на позицијата кружен напаѓач и кој што може да одигра во два правци.
Мајиќ во изминатата сезона настапуваше на Кипар, го носеше дресот на Анортозис Фамагуста и заедно со кипарскиот тим учествуваше на европска сцена.
Со стекнатото интернационално искуство се очекува да биде големо засилување во шампионот на Косово. Беса во новата сезона покрај настапите на домашна сцена, повторно ќе учествува во Купот на ЕХФ.