Протоколите ги избркаа Црногорците од хотел

Еден од ривалите на Македонија на Европското првенство, Црна Гора, повторно се соочува со нови проблеми поради коронавирус. Според информациите од Ракометниот сојуз на Црна Гора, тројца ракометари на репрезентацијата имале позитивни резултати од ПЦР тестовите кои биле направени во Дебрецин.

До овој момент, имињата на позитивните играчи не се откриваат, а веднаш после објавените резултати, останатите играчи и членови на стручниот штаб на Црна Гора направиле второ тестирање.

Резултатите од второто тестирање се уште се чекаат, а Црногорците во меѓувреме се преместени во друг хотел, додека Данска, Словенија и Македонија останаа во хотелот каде што беше планирано да престојуваат.

Како што веќе беше претходно познато, селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ, заедно со Милош Божовиќ, Миле Мијушковиќ и Небошја Симовиќ, останаа во Црна Гора поради тоа што беа позитивни на Ковид-19, а Стефан Чавор се приклучи на екипата.

Црна Гора отвора со дуел против Данска на 13 јануари, следува пресметката со Македонија на 15 јануари, а за крај двобој против Словенија на 17 јануари.